00389 2 3091 484
мај 21, 2025
На годинешниот конгрес во организација на студентите на факултетот за медицински науки при УГД кој се одржа во Штип од 15 до 17 мај, нашите доктори реализираа свои стручни презентации пред многубројните студенти. На заедничката тема Ургентни состојби во медицината секој од лекарите се осврна на својата област. д-р Александар Милосављевиќ предаваше за ургентните состојби во кардиологија, додека д-р Симона Деспотовска презентираше за ургентните состојби во анестезијата и интензивното лекување.
Ургентните состојби во васкуларна хирургија беше темата на која зборуваше д-р Ристе Зимоски, додека д-р Симона Грујевска се задржа на проблематиката – Ургентни состојби во кардиохирургија.
На ,,машките теми,, вниманието го привлече д-р Виктор Грујевски кој говореше за ургентните состојби во урологијата.
Д-р Елеонора Лазарова имаше свое излагање за ургентните состојби во неврологијата, додека д-р Михаил Таушанов се осврна на ургентните состојби во неврохирургијата. За ургентните состојби во гинекологијата и акушерството зборуваше д-р Јелена Голубиќ.
Исто така свои презентации имаа и проф. д-р Милка Клинчева и доц. д-р Оливер Бушлетиќ кои пред студентите ги доближија темите посветени на долгогодишната успешна соработката меѓу нашата клиника и универзитетот, како и за најновите начини на примена на транскатетер аортната валвуларна имплантација.
На овој меѓународен конгрес присуствуваа студенти, млади лекари, истражувачи и експерти од различни земји, кои разменија искуства и знаења од областа на медицината. Исто така овој настан беше одлична можност студентите да учествуваат во бројни работилници и да се поврзат со медицински професионалци од регионот и пошироко. На сите учесници и посетители на овој конгрес, студенти и лекари, им беа одблизу претставени капацитетите и услугите на клиниката и на регионалниот дијагностички центар Жан Митрев Дијагностик во Струмица и како можни опции за нивно вработување и професионален развој.
Нашата клиника традиционално го поддржува овој конгрес како дел од стратегијата за споделување знаење, искуства и унапредување на медицинската наука и меѓународната соработка.
Освен клиниката Жан Митрев, со свој штанд се претстави и сестринската фирма Фила Фарм која донираше на присутните витамински дози од светски познатиот ортомолекуларен бренд Ортомол.