
- Настани
-
by Nertila
Денеска во Скопје се одржа 21. Годишна конференција на МАСИТ (Македонска асоцијација за информатичко-комуникациски технологии), посветена на една од најактуелните технолошки теми- Agentic AI и можностите што ги отвора новата генерација на вештачка интелегенција.
Меѓу учесниците на конференцијата беше и проф. д-р Жан Митрев, кој сподели дел од своето лично и професионално искуство со примената на вештачката интелигенција во медицината. Тој се осврна на периодот кога, во медицинската практика, започнале обидите за користење на интелигентни комјутерски системи за олеснување на административните и медицинските процеси, меѓу кои и подготовката на отпусни писма за пациентите.
Ако пред три децении за подготовка на отпусно писмо бил потребен еден месец, денес тој процес во Клиника Жан Митрев е сведен на минимум, односно постои целосна дигитализација.
На прашањето на модераторот, дали ако процесот на давање дијагноза е целосно оставен во рацете на вештачката интелигенција, сепак се остава, докторот и неговиот тим да не ја послушаат машината со веќе поставената дијагноза, проф. д-р Митрев рече дека вештачката интелигенција уште долго време ќе биде само алатка која ќе се користи за да се донесе најдоброто решение за секој пациент поединечно.
Денес, Клиника Жан Митрев располага со сопствен интегриран систем во кој различните процеси,медицински апарати и машини се меѓусебно поврзани и автоматизирано функционираат. Ова овозможува подобра координација на процесите, поефикасно управување со информациите и поголема поврзаност помеѓу различните сегменти на здравствената установа.
Учеството на проф. д-р Митрев на конференцијата отвори можност за поврзување на долгогодишното практично искуство во медицината со современите технолошки достигнувања, потврдувајќи дека примената на иновациите во здравството не е нов концепт, туку процес што се развива со децении.
Денешната конференција на МАСИТ уште еднаш ја истакна важноста на вештачката интелигенција како двигател на идните промени во здравството каде што технологијата може да придонесе за поефикасни процеси, подобра организација и поквалитетна грижа за пациентите.




