00389 2 3091 484
јуни 9, 2025
Лекарската комора одбележувајќи ја 33 годишнината од своето постоење како самостојна професионална организација на лекарите во нашата земја, им додели благодарници за сите оние доктори кои покажаа исклучителна стручност, пожртвуваност и хуманост и беа вклучени во спасувањето и третманот на повредените од пожарот во дискотеката во Кочани.
Тимот од нашата клиника, предводен од д-р Жан Митрев, исто така доби благодарници за исклучителниот ангажман при третман на настраданите кои се лекуваа во нашата клиника.
„Докторите не се само доктори, тие се истражувачи, иноватори, едукатори, тие се носители на надеж и поддршка за секој пациент. Нивната посветеност на животот и здравјето на поединецот е темел на јавното здравје и социјалната стабилност. Докторите се двигатели на медицинскиот напредок, постојано барајќи нови решенија и терапии за да се подобри квалитетот на животот. Унапредувањето на нивниот статус, преку обезбедување подобри услови за работа, континуирана едукација и економско зајакнување, не е само прашање на фер однос кон нив, туку и инвестиција во иднината на целото општество“ – рече претседателката на ЛКМ проф. д-р Калина Гривчева-Старделова при доделување на благодарниците.
Ова е мал гест за огромниот подвиг, но е искрен чин на благодарност за нивната беспрекорна посветеност на животот и здравјето на луѓето.
Лекарска комора е формирана на 5 јуни 1992 година, на иницијатива на неколку доктори од Македонското лекарско друштво. Првата конститутивна седница на Собранието на Комората е одржана во просториите на Воената болница. Десет години подоцна Комората добива јавни овластувања за издавање на лиценци за работа, организирање на полагање стручен испит и акредитација на настаните од континуираната медицинска едукација, со што се воспоставува многу значаен систем за регулирање на медицинската професија кој директно нè приближува до европските стандарди.