Настап на докторите од Клиника „Жан Митрев“ на настанот Профемина 2025

Настани

октомври 24, 2025

На годинешниот настан Профемина 2025, кој традиционално ги обединува највлијателните жени, здравствени професионалци и експерти од различни области, своето значајно учество го имаше и тимот на Клиника „Жан Митрев“.

Под мотото „Тивките болести на жената: Што пропуштаме додека се грижиме за сите други“, врвни специјалисти од клиниката споделија свои професионални искуства, најнови сознанија и препораки за превенција, рано откривање и правилен третман на најчестите здравствени состојби кај жените.

Во панел-дискусијата учествуваа:

– Доц. д-р Оливер Бушљетиќ, кардиолог
– Доц. д-р Ирена Андонова, гинеколог
– Д-р Џулиана Михајловска, ендокринолог
– Д-р Лилјана Брајевиќ, тораковаскуларен хирург

Модератор на панелот беше ТВ водителката Сања Савевска, која умешно ја водеше дискусијата и поттикна размена на искуства и практични совети што се од голема корист за секоја жена.

Во своите излагања, докторите се осврнаа на различни аспекти од женското здравје.

Доц. д-р Ирена Андонова зборуваше за врската помеѓу гинеколошките состојби и кардиоваскуларното здравје, истакнувајќи дека хормоналните нарушувања често претставуваат ризик-фактор за срцеви заболувања.

Д-р Џулиана Михајловска се фокусираше на ендокринолошките предизвици – хормоналниот дисбаланс, дијабетесот и заболувањата на штитната жлезда, со нагласок на важноста од редовни превентивни контроли.

Д-р Лилјана Брајевиќ ја истакна потребата од рана дијагностика и подигнување на свеста за промените кај дојките, апелирајќи до жените да не ги игнорираат предупредувачките симптоми.

Доц. д-р Оливер Бушљетиќ укажа на растечкиот тренд на кардиоваскуларни болести кај жени во пременопаузален и постменопаузален период, нагласувајќи дека „срцевите заболувања не се исклучиво машки проблем“.

Со своето учество, докторите од Клиника „Жан Митрев“ уште еднаш ја потврдија посветеноста на клиниката кон континуирана едукација, промоција на здравите навики и подигнување на јавната свест за превенцијата како клучен фактор за добро здравје.

Настапот на Профемина 2025 беше одлична можност за споделување знаење, искуство и инспирација — во духот на визијата на Клиника „Жан Митрев“: здравјето на жената е темел на здравото општество.

Во рамки на настанот, се претстави и нашата сестринска компанија Фила Фарм, ексклузивен застапник на премиум брендот Ортомол – германски медицински суплементи познати по својот научно потврден состав и висок квалитет. Посетителите имаа можност да се информираат за широката палета на Ортомол витамини наменети за различни потреби, меѓу кои женското здравје, енергијата, имунитетот и менталната рамнотежа.