00389 2 3091 484
ноември 17, 2025
Со одбележувањето на Светскиот ден на предвремено родени бебиња, 17 ноември, Клиника Жан Митрев повторно се придружи кон глобалната иницијатива за поддршка на најмалите борци и нивните семејства. Во пресрет на меѓународниот ден, фасадата на клиниката беше осветлена во виолетова боја, симбол на чувствителност, посебност и надеж за сите предвремено родени деца ширум светот.
Годинава, одбележувањето се одвива под мотото „Силни почетоци за надежна иднина“ (Strong beginnings for hopeful futures), со што се нагласува важноста од обезбедување квалитетна неонатална грижа уште од првите моменти на животот. Целта е да се овозможи секое предвремено родено бебе да има здрав почеток, можност за правилен раст и услови за успешна иднина.
Предвременото раѓање претставува глобален здравствен предизвик, едно од десет бебиња се раѓа пред 37-та гестациска недела, а последиците можат да бидат сериозни и долгорочни, особено за развојот на мозокот, белите дробови и видот. Затоа Светскиот ден на предвремено родени бебиња е посветен на кревање свесност за овие предизвици, на промовирање мерки за превенција и на унапредување на пристапот до современа и семејно ориентирана неонатална нега.
Овој ден ги обединува институции, медицински персонал, родители и заедници ширум светот во повик за подобри политики, постојан пристап на родителите во неонаталните интензивни оддели (NICU) и создавање услови во кои секое бебе може да преживее, да расте и да напредува.
Во Центар за мајка и бебе, кој располага со современа опрема и високо обучен тим, како и Оддел за неонатална интензивна нега (NICU), кој обезбедува третман и згрижување на предвремено родени и ризични новороденчиња, досега се родени над 170 бебиња, природно и со царски рез од кои 20 пред наполнета 37 недела. Центарот нуди целосна грижа пред, за време и по породувањето, овозможувајќи безбедност и поддршка за секоја трудница и новороденче.
Освен симболичното осветлување, Клиника Жан Митрев и оваа година низ месец ноември спроведува активности насочени кон поддршка на семејствата и промовирање на раната нега и едукација.
Со заедничка посветеност и континуирана грижа, можеме да создадеме силни почетоци за сите бебиња родени пред време, почетоци што ќе водат кон надежна и сигурна иднина.

