• 17

Лубеницата и дињата се неизоставен дел од летната трпеза. Благодарение на високата содржина на вода, витамините и антиоксидансите, тие се одличен избор за освежување во топлите денови. Сепак, иако се здрави намирници, нивната консумација треба да биде умерена, особено кај лица со одредени здравствени состојби. Количината, начинот на консумирање и индивидуалните потреби се клучни за да се искористат нивните придобивки без непотребни ризици

Што ги прави добар избор?

И лубеницата и дињата содржат повеќе од 90% вода, па помагаат во одржување на хидратацијата. Истовремено, се релативно нискокалорични и обезбедуваат витамини, минерали и антиоксиданси.

Лубеницата е богата со:

  • витамин Ц;
  • ликопен – моќен антиоксиданс кој ѝ ја дава црвената боја;
  • цитрулин – аминокиселина која придонесува за нормална функција на крвните садови;
  • калиум и магнезиум во помали количини.

Дињата содржи:

  • витамин Ц;
  • бета-каротен, од кој организмот создава витамин А, важен за видот, кожата и имунитетот;
  • калиум, кој учествува во одржување на нормален крвен притисок;
  • природни антиоксиданси кои ги штитат клетките од оксидативен стрес.

И покрај бројните хранливи состојки, и двете овошја содржат природни шеќери, па количината што се консумира е од особено значење.

 

Колку е доволно?

За повеќето здрави лица, препорачана порција е околу 150–250 гр лубеница или диња по оброк.

Најчестата грешка е што овие овошја се консумираат директно од голем сад или половина плод, па без да забележиме внесуваме многу поголема количина отколку што сме планирале.

За ужина што подолго заситува, комбинирајте ги со:

  • грчки јогурт,
  • чиа или ленено семе,
  • мала шака јаткасти плодови.

Дали влијаат на шеќерот во крвта?

И лубеницата и дињата содржат природни шеќери (најмногу фруктоз и гликоза). Поради високата содржина на вода, умерената порција најчесто не претставува проблем за здравите лица.

Кај лицата со инсулинска резистенција, предијабетес или дијабетес најважно е да се контролира големината на порцијата и овошјето да се консумира како дел од избалансиран оброк или ужина, а не во форма на сокови или смути.

Кога е потребна претпазливост?

Иако лубеницата и дињата се дел од здравата исхрана, кај одредени здравствени состојби нивната количина и начинот на консумирање треба да се прилагодат.

  • Синдром на нервозно дебело црево (IBS) и чувствителен дигестивен систем

Лубеницата содржи поголема количина на FODMAP јаглехидрати, особено вишок фруктоза, која кај лица со IBS може да не се апсорбира целосно во тенкото црево. Како резултат, таа ферментира под дејство на цревните бактерии, што може да доведе до појава на подуеност, гасови, болки и грчеви во стомакот, како и промени во столицата. Иако дињата обично подобро се толерира, сепак и кај неа поголемите порции можат да предизвикаат тегоби кај чувствителни лица.

  • Малапсорпција на фруктоза

Кај лицата со нарушена апсорпција на фруктоза, дел од фруктозата останува неапсорбирана во цревата. Ова создава осмотски ефект, при што се задржува повеќе вода во цревата, а истовремено доаѓа до ферментација од страна на цревниот микробиом. Последица може да бидат подуеност, чувство на тежина, гасови, болки во стомакот и дијареја. Поради тоа, количината на лубеница и диња треба да се прилагоди според индивидуалната толеранција.

  • Инсулинска резистенција, предијабетес и дијабетес

Иако овие овошја имаат висока содржина на вода и релативно ниска енергетска вредност, тие содржат природни шеќери. Консумирањето големи порции во краток временски период може да доведе до побрз пораст на нивото на гликоза во крвта, особено ако се јадат самостојно. Затоа се препорачува умерена порција и комбинирање со извор на протеини или здрави масти, како јогурт или јаткасти плодови, со цел да се забави апсорпцијата на јаглехидратите.

  • Хронична бубрежна болест и покачени вредности на калиум

Лубеницата и дињата содржат калиум – минерал кој е важен за нормалната функција на мускулите, срцето и нервниот систем. Меѓутоа, кај лица со намалена бубрежна функција способноста за елиминација на калиумот може да биде нарушена, што доведува до негово натрупување во крвта (хиперкалемија). Ова може да предизвика нарушувања на срцевиот ритам и други сериозни компликации. Затоа, количината треба да биде усогласена со лабораториските параметри и препораките на нефролог или нутриционист.

  • Состојби со ограничен внес на течности

Кај пациенти со срцева слабост, напредната бубрежна болест или други состојби кај кои лекарот препорачал ограничување на внесот на течности, треба да се има предвид дека повеќе од 90% од лубеницата и дињата е вода. Поради тоа, нивната консумација се пресметува во вкупниот дневен внес на течности.

  • Акутна дијареја и други дигестивни нарушувања

За време на акутна дијареја или гастроинтестинална инфекција, поголемите количини лубеница и диња можат дополнително да ја поттикнат цревната перисталтика и да го влошат чувството на надуеност или абдоминална непријатност. Во оваа фаза е подобро привремено да се избегнуваат поголеми порции и постепено повторно да се воведуваат по смирување на симптомите.

  • Гастропареза (забавено празнење на желудникот

Кај овие пациенти поголеми количини овошје богато со вода одеднаш можат да предизвикаат чувство на преполнетост, мачнина и непријатност, па се препорачуваат помали порции распоредени во текот на денот.

 

Заклучок

Лубеницата и дињата се одличен избор за летните денови. Тие обезбедуваат течности, витамини, минерали и антиоксиданси, но најголема корист има кога се консумираат во умерени количини. Наместо да ги консумираме без ограничување, подобро е однапред да ја одредиме големината на порцијата и, кога е можно, да ги комбинираме со извор на протеини или здрави масти. Така ќе уживаме во нивниот вкус, а истовремено ќе одржиме подобра ситост и постабилно ниво на шеќер во крвта.

М-р Татјана Павлова

Нутриционист

Мими може да ви помогне во закажувањето на Вашиот термин