Тотална артропластика на колк преку директен преден пристап

Дневна доза здравје

јуни 26, 2025

Директниот преден пристап не е само хируршка техника – тоа е филозофија на живот и движење без болка и ограничувања. Овој пристап датира уште од почетокот на XX век.
Денес, директниот преден пристап е синоним за минимално инвазивна хирургија со посебна грижа кон мускулите на колкот. За разлика од традиционалните пристапи латерален (страничен) и заден, предниот пристап го користи природниот интервал меѓу мускулите, без да ги сече и оштетува. Што е огромна предност за пациентот.

Кога се применува овој пристап?

Коксартрозата претставува дегенеративно-регенеративна болест на колкот и спаѓа во најчестите болести на локомоторниот апарат. Станува збор за остеоартртис, односно изразено хронична и прогесивна болест која најчесто се јавува во подоцнежните години но, не ги одминува ниту помладите. Коксартритисот означува оштетување на рскавицата на зглобот на колкот. Појавата на болка е главен и најчест симптом, а проследена е со ограничување на подвижноста на зглобот, негова нестабилност и хипотрофија на околната мускулатура.

Што овозможува директниот преден пристап?

Овој пристап кон колкот резултира со многу предности за пациентот. Дел од нив се: ран мобилитет и вертикализација (исправување, станување) уште првиот ден по операцијата. Со самото зачувување на мускулниот интегритет се овозможува подобра стабилност, намален ризик од дислокации и краток престој во болница (минимална хоспитализација) како и многу помала постоперативна болка.

За кого е наменет директниот преден пристап?

Директниот преден пристап е совршен за активни пациенти кои сакаат брзо враќање во функција, млади пациенти со добра мускулна структура и пациенти со нормален или умерен БМИ (Body mass index) телесен тежински индекс.

Кога е контраиндициран ваквиот пристап?

Кај одреден број пациенти, директниот преден пристап може да биде технички отежнат и понекогаш непогоден. Такви се оние со висок БМИ, изразено масно ткиво во предниот дел на колкот или комплексни анатомски деформации.

Заклучок

Директниот преден пристап е олицетворение на современите хируршки концепти при што се минимизира штетата, а се отимизира резултатот, притоа почитувајќи ја анатомијата на телото.
Директниот преден пристап преку зачувување на интегритетот на мускулите овозможува низа придобивки како што се: значително помала постоперативна болка, помала крвозагуба, покусо болничко лекување и зголемен опсег на движења во колкот.
Поради својата анатомска локација, овој пристап овозможува прикравање на оперативниот рез, што е значајно од естетска гледна точка. Сепак, најважната придобика е брзото целосно ослободување од потпазувни патерици (на 14 постоперативен ден) и враќањето на работоспособноста и секојдневните активности.

Доколку сакате да закажете термин, обратете се во нашиот контакт центар: 02/3091-484