Кога и зошто прв ортопедски преглед кај новороденчето?

Дневна доза здравје

декември 19, 2025

Често пати голем дел од родителите првиот ортопедски преглед го мешаат со ортопедскиот преглед кој се прави во родилиште. Но, тој преглед е општ преглед за состојбата на колковите и локомоторниот систем и не е ехосонографски направен од ортопед.

Во првата година од животот кај бебињата треба да се направат неколку редовни ортопедски прегледи: првиот најдоцна до 6-7 неделна возраст (околу 2 месеци), вториот на околу 6 месечна возраст и третиот по проодување.

Зошто е важен првиот ортопедски преглед и кога треба да се направи?

Ортопедскиот преглед кај специјалист треба да се направи во првите 6-7 недели од раѓањето. Целта е рана дијагностика и третман на можни деформитети.

Затоа клучно е уште при напуштање на родилиштето, родителите да бидат информирани дека треба новороденото да го однесат на ортопед на возраст од околу два месеца.

Од секојдневната пракса, гледаме дека голем дел од бебињата ги носат на ортопедски преглед доцна, по 3-от месец, а некогаш дури и по 7-от месец. Во вакви случаи може да се пропушти точна и навремена дијагноза и ран третман за дисплазијата на колкови кои се неопходни за да се избегнат подоцнежните оперативни корективни интервенции.                                     

Затоа бебињата мора да бидат прегледани ехосонографски веднаш по раѓањето, односно колку порано толку подобро, а најдоцна до 6-та недела.

Во земјите од ЕУ, овој тип на преглед на новороденчињата, е задолжителен и регулиран со закон, така што се спроведува во временска рамка до 6-та недела од животот.

При првиот ортопедски преглед новороденчињата и доенчињата се прегледуваат целосно, односно се прави преглед на општата состојба на локомоторниот систем дали има присуство на одредени деформитети. Се даваат насоки на родителите, на што да внимаваат и како правилно да го вежбат и стимулираат новороденчето, исто така и насоки за витамин Д3 профилкаса која е многу важна за коските.

Освен клинички преглед, се прави и ехосонографски преглед по методата на Рајнхард Граф (Prof. Dr. Reinhard Graf), која е научно докажана и златен стандард кога станува збор за ехосонографски преглед на колковите.

Зошто е важен ехосонографскиот преглед?

Колкот кај новороденчињата и доенчињата во првите месеци од животот е рскавичен и поради тоа ехосонографијата е идеална и безбедна метода за користење.

Ехосонографскиот преглед се прави за рано дијагностицирање на развојните дисплазии на колкот (плитки колкови, исчашени колкови и нестабилни колкови).

Со точна дијаноза и ран третман можеме да ги избегнеме подоцнежните корективни интервенции  и последици.

Раниот ехосонографски преглед е неопходен за навремено дијагностицирање!