00389 2 3091 484
март 16, 2026
По повод одбележувањето на една година од трагедијата во Кочани, кога во разорниот пожар животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, се одржа настан посветен на сеќавањето на жртвите и на оддавањето почит кон сите кои ги загубија животите или беа повредени во оваа тешка несреќа.
Настанот беше можност да се потсетиме на трагичните настани, но и на солидарноста, хуманоста и пожртвуваноста што ја покажаа медицинските тимови, институциите и граѓаните во тие исклучително тешки моменти.
Дел од медицинскиот тим на Клиника Жан Митрев присуствуваше на Денот на сеќавање на жртвите, оддавајќи почит кон загинатите и изразувајќи поддршка и сочувство кон нивните семејства, кои и денес живеат со болката од оваа трагедија.
Во процесот на згрижување на повредените од трагедијата, се вклучи практично целиот медицински и организациски капацитет на Клиника Жан Митрев.
Од тимовите за итна медицина и тријажа, анестезиологија и интензивна нега, до хируршките, интернистичките, радиолошките, лабораториските и рехабилитациските служби — секој оддел даде максимален придонес во лекувањето и стабилизацијата на пациентите.
Во тие исклучително тешки моменти, лекарите, медицинските сестри, физиотерапевтите и целиот персонал работеа координирано и посветено, со единствена цел — спасување на животите и обезбедување најдобра можна медицинска грижа.
Благодарение на заедничкиот ангажман, професионалноста и пожртвуваноста на целиот тим, беше обезбеден најдобриот можен исход за пациентите кои тој ден беа згрижени во нашата клиника.

На конференцијата организирана по повод годишнината, Владата додели благодарница на Клиника Жан Митрев за несебичното, стручно и пожртвувано дејствување во најтешките моменти по трагедијата.
„За вашата исклучителна посветеност, професионалност и хуманост, со кои беа спасени човечки животи и внесена надеж во најтешките мигови. Нека ова претставува трајно сведоштво за нашата благодарност, искрено признание и висока почит кон вашата благородна мисија.“
Покрај од Владата, благодарност беше доделена и од Општина Кочани, како признание за ангажманот на нашите доктори и медицинскиот персонал, кои веднаш се вклучија во лекувањето и згрижувањето на повредените.
Особено емотивен момент беше благодарницата доделена од семејствата на децата кои беа лекувани во нашата клиника.
„Со искрена благодарност и длабока почит ја доделуваме оваа благодарница на вашата клиника како признание за вашиот медицински тим, за вашата исклучителна посветеност, врвен професионализам и човечност во грижата и лекувањето на повредените од пожарот од 16 март. Вашата хуманост и професионален пристап засекогаш ќе останат запаметени со длабока благодарност и почит.“



Овие признанија се силна потврда за посветеноста, професионалноста и хуманоста на медицинскиот тим на Клиника Жан Митрев.
Ние и понатаму остануваме на располагање на граѓаните и на државата, водени од принципите на врвна медицинска стручност, одговорност и подготвеност да помогнеме секогаш кога е најпотребно.
Со знаење, искуство и искрена грижа за пациентите, нашиот тим ќе продолжи посветено да работи со една цел — заштита и унапредување на човечките животи.
