• 0

Клиника Жан Митрев започнува соработка со школата за трудници и доење „Бебелогија“, со цел да им овозможи на идните мајки дополнителна стручна едукација, практична подготовка и поддршка во текот на бременоста и во пресрет на породувањето.

Соработката ќе се реализира со Јасна Апостолски-Николов, основач на „Бебелогија“, дипломирана медицинска сестра, меѓународно сертифициран консултант за доење (IBCLC) и сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници.

Преку оваа иницијатива, идните мајки ќе имаат можност да учествуваат во организирани часови за психофизичка подготовка за породување, на кои ќе добијат стручни информации, практични совети и одговори на најчестите прашања поврзани со породувањето, доењето и првите денови со новороденчето.

Со воведувањето на оваа програма продолжуваме да ја унапредуваме грижата за мајката и бебето, ставајќи акцент не само на медицинската грижа, туку и на навремената едукација, подготовката и чувството на сигурност кај идните мајки.

Подготовка за породување со повеќе знаење и самодоверба

Бременоста е период исполнет со радост и исчекување, но и со многу прашања, особено кога се приближува терминот за породување. Како да ги препознаете првите знаци на породување? Кога е вистинското време да тргнете во болница? Кои техники на дишење и релаксација можат да ви помогнат? Како да се подготвите за доење и за првите денови со вашето бебе?

Токму на овие прашања ќе одговара програмата за психофизичка подготовка, осмислена да им помогне на трудниците да го дочекаат породувањето подобро информирани, подготвени и со поголема самодоверба.

Програмата е наменета за трудници од 28. недела од бременоста и е организирана во три едукативни модули, кои ги опфаќаат најважните аспекти од подготовката за породување, родилниот процес, доењето и грижата за новороденчето.


Што опфаќа програмата?

Модул 1 – Подготовка за породување и пристигнување на бебето

Првиот модул е посветен на подготовката за породувањето и препознавањето на знаците што го најавуваат почетокот на родилниот процес.

Трудниците ќе добијат практични информации за тоа кога треба да се упатат во болница, што е потребно да понесат со себе, како изгледа приемот во родилиштето и кои се фазите на породувањето.

Ќе се разговара и за подготовката на домот, неопходните работи за првите денови со новороденчето и сè што е важно да се знае пред пристигнувањето на бебето.

Модул 2 – Техники на дишење, релаксација и физичка подготовка

Вториот модул е посветен на практичната подготовка на телото за породување. Преку техники на дишење и релаксација, како и соодветни вежби за мускулатурата на грбот и карлицата, трудниците ќе се запознаат со начините на кои можат полесно да се справат со физичките предизвици за време на породувањето.

Ќе бидат опфатени и теми поврзани со улогата на партнерот, можностите за анестезија и употреба на медикаменти при породувањето, како и негата и закрепнувањето по природно породување или царски рез.

Посебно внимание ќе се посвети на практиките во нашето породилиште, вклучувајќи го раниот контакт „кожа на кожа“ (skin-to-skin) и одложеното клемување на папочната врвца, кога медицинските услови го дозволуваат тоа.

Модул 3 – Доење и првите денови со новороденчето

Третиот модул е посветен на успешниот почеток на доењето, развојот на лактацијата и најчестите прашања со кои се соочуваат мајките во првите денови по породувањето.

Идните мајки ќе добијат стручни насоки за доењето, исхраната во периодот на лактација, употребата на медикаменти кај доилките, како и за поддршката што може да ја обезбеди меѓународно сертифициран консултант за доење (IBCLC).

Програмата ќе вклучува и практични совети за грижата за новороденчето и полесно приспособување на новата семејна динамика.


Организација на часовите и начин на учество

Со цел да им овозможиме континуирана едукација и навремена подготовка на идните мајки, секој месец ќе се формира нова група трудници, со три едукативни модули кои ќе се одржуваат во сабота.

Часовите ќе бидат наменети за трудници кои се во 28. недела од бременоста или подоцна, а ќе се одвиваат во групи што овозможуваат интерактивно учество, поставување прашања и размена на искуства.

Право на учество во програмата ќе имаат сите трудници кои ќе го изберат породилниот пакет во Клиника Жан Митрев и ќе направат авансна уплата од 12.000 денари. Часовите за психофизичка подготовка се вклучени во породилниот пакет и за нив нема дополнителен надомест.

Нашата грижа за мајката и бебето започнува уште пред породувањето

Во Клиника Жан Митрев веруваме дека квалитетната грижа за мајката и бебето не започнува во родилната сала, туку многу порано – со навремени информации, стручна поддршка и внимателна подготовка.

Преку соработката со „Бебелогија“ продолжуваме да го збогатуваме искуството на нашите пациентки и да создаваме услови во кои секоја идна мајка ќе се чувствува информирана, подготвена и сигурна во пресрет на породувањето.

Нашата цел е секоја мајка да го започне ова ново животно поглавје со повеќе знаење, самодоверба и сигурност, знаејќи дека има стручна поддршка на секој чекор.

Мими може да ви помогне во закажувањето на Вашиот термин