• 14

Работата од дома донесе бројни предности – заштеда на време, поголема флексибилност и подобар баланс меѓу професионалните и семејните обврски. Но, во психијатриската пракса сè почесто се забележува и другата страна на оваа промена.

Кај дел од луѓето, особено по неколку години работа исклучиво од дома, постепено се создава навика на живот во затворен простор. Излегувањето станува сè поретко, дружењето се сведува на минимум, а социјалните контакти најчесто се ограничени на виртуелна комуникација. Ова може да се случи и кај лица кои живеат сами или со своето семејство.

Самата работа од дома не е причина за психичко нарушување, но кај одредени личности може да придонесе за социјална изолација, намалена физичка активност и нарушување на секојдневните навики.

Во психијатриските ординации овие лица најчесто не доаѓаат поради тоа што работат од дома.

 Најчесто бараат помош поради:

– депресивно расположение,
– анксиозност,
– хроничен стрес и исцрпеност,
– нарушен сон,
– зголемена употреба на алкохол или други супстанции како начин на справување со емоционалниот товар.

Дополнително, честото седење пред компјутер, нередовните паузи и навиката да се грицка за време на работата можат да доведат до прекумерна телесна тежина, метаболни нарушувања и влошување на општото здравје.

Кога е време да размислите за мешан (хибриден) режим на работа?

Размислете за комбинација од работа од дома и работа во работна средина доколку забележите дека:

со денови немате потреба да излезете од дома;
избегнувате средби со пријатели и колеги;
сè почесто чувствувате осаменост или губење на мотивацијата;
работното и приватното време се целосно измешани;
се движите многу малку, немате физичка активност, добивате на телесна тежина или се храните неконтролирано;
чувствувате дека домот повеќе не е место за одмор, туку исклучиво работен простор.

За многу луѓе, хибридниот модел – неколку дена работа од канцеларија и неколку дена од дома – овозможува подобар баланс помеѓу продуктивноста, социјалните контакти и менталното здравје.

 

Кога е потребно да се побара стручна помош?

Доколку чувствувате дека сè почесто се повлекувате од луѓето, губите интерес за активности кои порано ве исполнувале, имате постојана напнатост, вознемиреност, тага,, нарушен сон или забележувате дека сè почесто посегнувате по алкохол за да се опуштите, време е за разговор со психијатар.

Навремената психијатриска проценка не значи дека постои сериозно психичко заболување. Таа е можност навреме да се препознаат промените, да се спречи нивното продлабочување и да се зачува квалитетот на животот.

Работата треба да го подобрува животот, а не постепено да го ограничува. Грижата за менталното здравје е исто толку важна како и грижата за физичкото здравје.

 

Психијатриска конуслтација може да закажете со д-р Марија Костадиновска, психијатар, психотерапевт.

М-р д-р Марија Костадиновска

Специјалист по психијатрија

Мими може да ви помогне во закажувањето на Вашиот термин