• 54

Кожата е најголем орган на човековото телото. Терминот тумор значи ненормален раст на клетките. Туморите на кожата се најчести тумори кај човекот, 40 – 50 % лугето до својата 65 год развиваат барем еден тумор на кожата. Туморите на кожата се делат во две големи групи бенигни и малигни тумори на кожата. Оваа поделба се заснова на тоа дали туморот може да го загрози животот на пациентот или не.

Што значи терминот бенигни тумори на кожата?

Оваа група на тумори се доброчудни тумори, се карактеризираат со јасно ограничен раст, имаат капсула, подвижни се, не се агресивни, не инфилтрираат и не метастазирааат, спорорастечки се и клетките се хомологни на нормалните клетки на ткивото. Бенигните тумори се многу чести и може да се развијат од сите слоеви или градбени елементи на кожата, сврзното ткиво, масното ткиво, мускулното ткиво, жлездите на кожата (потните и лојните жлезди), нервните влакна и од крвните садови на кожата.

Кои се најчести бенигни тумори на кожата? Дали е потребен хируршки третман?

  • Атероми се бенигни тумори кои настануваат од лојните жлезди. Станува збор за запушување, опструкција на одводниот канал на лојната жлезда и акумулација на лојниот продукт при што се создава цистична формација. Многу често на површината на кожата над таа цистична формација може да се забележи еден мал отвор за кој пациентите знаат да дадат податок дека низ него знае да се издренира густа бела содржина со специфичен мирис односно лој. Најчесто се јавуваат локализирани на поглавината, лицето, ушните школки, вратот и грбот. Многу често се случува да атеромите секундарно се инфламираат односно да настане воспаление и гноен процес кој клинички се манифестира со сите знаци на едно воспаление ( болка, црвенило, оток, топлина, флуктација). Доколку настане воспаление и се формира гнојна колекција тогаш третманот првично се состои од решавање на инфекцијата. Затоа прво локално се прави инцизија и дренажа на гнојната содржина и потоа пациентот е на антибиотска терапија. Одкако ке се смири воспалителниот процес може да се планира хируршко одстранување на атеромот со цел да нема понатамошни повторувачки воспалувања кои знаат да бидат проблем за пациентот бидејки го нарушуваат квалитетот на животот а воедно се и естетски проблем. Одстранувањето на овие бенигни промени најчесто се врши во локална анестезија, се работи за краткотрајна хируршка интервенција при која се врши целосно одстранување на цистичната промена, а во случај кога промената била поголема и има видлив отвор на кожата се врши и одстранување и на дел од кожата. Опоравувањето е краткотрајно, и пациентот нема поголеми ограничувања.
  • Липоми се бенигни тумори кои настануваат од масното ткиво, тие најчесто се јавуваат во подкожното масно ткиво на вратот, грбот односно трупот и горните екстремитети. Се работи за една туморска маса која е најчесто јасно ограничена на палпација е мека и подвижна во однос на подлогата, таа споро расте и е безболна. Липомите бидејки споро но сепак растат стануваат естетски проблем а доколку пораснат поголеми во текот на неколку години можат да вршат и притисок врз околните структури и да бидат причина за една нелагодност кај пациентите. Липомите се одстрануваат исто како и атермите во локална анестезија со краткотрајна хируршка интервенција при која се врши целосно одстранување на липомот.
  • Невуси – Бемките се пигментни бенигни тумори кои настануваат од меланоцитите (пигментни клетки). Невусите се најчесто стекнати тумори а поретко можат да бидат вродени. Вродените бемки се јавуваат пред раѓањето, а растат со детето. Можат да бидат многу големи и да покриваат цели делови на телото. Стекнатите, обични бемки не се склони да се трансформираат во малигни тумори. Најчесто се во ниво на кожата, а можат да бидат и лесно издигнати. Бемките се еднакво пигментирани со остри- јасни ивици спрема околната кожа. Некои не ги сметаат за вистински тумори, бидејќи секој човек има повеќе бемки по кожата на телото. Бемките не бараат хируршки третман освен ако се локализирани на делови од телото каде хронично односно континуирано се подложни на механичка дразба, иритација која може да биде причина тие понатаму да се менуваат, или се одстрануваат од естетски причини. Сепак треба да нагласиме дека треба редовно да се контролираат кај дерматолог со дермоскопски преглед. Според макроскопските и микроскопските карактеристики постојат повеке типови на бемки кои се предмет на изучување на дерматологијата. Доколку се работи за атипичен односно диспластичниот невус кој е стекнат и обично има неправилна форма и посебни микроскопски морфолошки карактеристики се поставува индикација за негово хируршко одстранување Диспластичниот невус може малигно да се трансформира.
Мими може да ви помогне во закажувањето на Вашиот термин